Шилегов – Лагите на ВМРО-ДПМНЕ не може и не смее да се алтернатива за Скопје

 

– Денеска сум тука пред вас, како што ветив, еднаш и само еднаш, на една прес-конференција, да ги демантирам сите бескрупулозни лаги што ВМРО – ДПМНЕ ги пласира во изминативе десетина дена, а поврзани за мојата семејна куќа и за мојот имот. Мојата семејна куќа во Тафталиџе е изградена од страна на мојот покоен татко 1995 година и јас сум нејзин сопственик од 2006 година. Како што може да се види во овој договор, станува збор за куќа од приземје, прв и втор кат и покрив. Лага број еден на ВМРО – ДПМНЕ. Видно, во имотниот лист, јас сум сопственик на куќа која што се состои од приземје, прв кат, втор кат и покрив, што е фактичка ситуација и состојба и денеска. Ништо не е додадено повеќе од тоа што стои во имотниот лист. Лага број два – Шилегов прави реконструкција без одобрение. Ова е одобрението издадено од надлежниот орган Општина Карпош во декември минатата година кога е започната реконструкцијата. Лага број три – Шилегов не е сопственик на градежното земјиште. Ова е решението за приватизација на градежното земјиште. Јас уште во јуни најавив дека како ќе се ближи кампањата така ќе бидеме сведоци на разно разни искажани работи што се поврзани за мене. И така е во изминативе 8 години. Секогаш кога немаат со што да се спротивстават на политиките кои што ги креира Шилегов како пратеник, портпарол или како градоначалник на Град Скопје влегуваат во бескрупулозни лаги и црна кампања со цел да ме компромитираат мене и моето семејство. Дозволете да искажам благодарност и извинување до моето семејство што успеваме сите заедно сплотени да ја трпиме оваа црна кампања за која сум свесен дека нема да престане, без оглед на фактите – рече денеска градоначалникот Шилегов.

Тој е категоричен дека на претстојните избори треба да се зборува исклучиво за Скопје.

 

– Поминаа две недели откако Мицкоски и Коце Трајановски застанаа зад независен кандидат за градоначалник. Не успеав ништо да слушнам поврзано со Скопје. За политиките што планираат да ги креираат за Скопје, политиките што треба да донесат поквалитетен живот во нашиот град. Знам дека тоа не им е едноставно. Затоа што во изминативе 4 години завршивме еден мост, а градиме втор, изградивме 4 булевари, преку 110 километри велосипедски патеки, ја вративме „Дрисла“ од криминалната приватизација, со стационарот „Лајка“ почнавме суштински да го решаваме проблемот со кучињата скитници, зеленилото е и тоа како видливо. Станува збор за истите луѓе кои потрошија 680 милиони евра во еден километар квадратен и кои бескрупулозно го уништуваа нашиот град. Зашто немаат одговор на политиките што ги креирав јас како градоначалник заедно со вас граѓаните на Скопје. Затоа ќе разговараат исклучиво за црна кампања, за фасади, за стиропори… – рече Шилегов.

Тој нагласи дека длабоко верува во демократските, но и во човечките вредности.

 

– Јас сум човек којшто достоинствено ќе го истрпи сево ова. Впрочем, зошто ни е политиката, ако ја загубиме човечноста. Драги мои скопјани, јас сум вашиот градоначалник и убеден сум дека тоа го знаете и го препознавате, и во оваа кампања од мене ќе слушате само како ќе ги решаваме проблемите кои што тие луѓе ни ги наталожија. Ќе победиме и на овие избори и ќе продолжиме заедно да го градиме Скопје како една поинаква приказна, Скопје како што сите го сакаме, Скопје како што сите го замислуваме  – нагласи градоначалникот Шилегов.

Со почит,

Град Скопје

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*