Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, денес оствари средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Кејт Мери Брнз.
Соговорниците ги оценија билатералните односи меѓу двете земји како исклучително цврсти и пријателски, засновани на стратешкото партнерство и членството во НАТО алијансата. Беше искажан заемен интерес за постојан политички дијалог и за натамошно унапредување на севкупната соработка.
Министерот Османи ја брифираше амбасадорката Брнз за најновите политички актуелности, со посебен фокус на активностите поврзани со европската перспектива на земјава во периодот што следи. На средбата беше изразено задоволство од континуираната и клучна поддршка што САД ја даваат на Република Северна Македонија во насока на остварување на нејзините стратешки надворешно политички аспирации. Притоа Османи ја нагласи исклучително важната улога на САД во постигнувањето долгорочна стабилност, натамошна демократизација и просперитет на регионот.
Во текот на разговорот Османи се заблагодари за помошта од САД во борбата против пандемијата со КОВИД-19, како и во битката со актуелните шумски пожари.