МТСП: Законот за стечајци стапи на сила, стечајците што ги исполнуваат условите во рок од 30 дена да се пријават во Агенцијата за вработување

Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата, популарно наречен Закон за стечајци стапи на сила. Стечајците коишто ги исполнуваат условите треба во рок од 30 дена да се пријават во подрачните единици на Агенцијата за вработување.

Законот за стечајци кој минатата недела едногласно беше усвоен во Собранието, обезбедува  околу 1100 стечајци да добиваат паричен надоместок од 9.242 денари до денот на пензионирањето или 34% од просечно исплатената месечна нето плата по работник во државата за претходната година.

Со овој закон материјално ќе се обезбедат лицата кои имале најмалку 14 години работен однос во претпријатијата со доминантна сопственост на државата,  кои на денот на поднесување на барањето се на возраст од најмалку 52 години (жена) и 55 години  (маж), на кои работниот однос им престанал заклучно со 31 декември 2020 кои оствариле право на паричен надоместок по 1 јануари 1993 година и кои од 31 декември 2020 година до денот на влегување во сила на овој закон, не биле во работен однос.

Со новиот закон се овозможува материјално обезбедување на лица на кои им престанал работниот однос по основ на стечај ликвидација или технолошки вишок, во претпријатија со доминантна сопственост на државата или по нивна приватизација, доколку не го промениле единствениот матичен број на субјектот, а во случај на промена истите да произлегуваат од претпријатието со доминантна сопственост на државата, во периодот од 1 јануари 1993 до 31 декември 2020 година.

Со последните измени на Законот за стечајци, од 2017 година до денес решен е статусот на околу 13 000 стечајци.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*