Претседателот Стево Пендаровски, денеска по повод 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, присуствува на чествувањето на државниот празник во Крушево.
Во црквата „Св. Никола“, претседателот Пендаровски присуствуваше на панихидата за загинатите Илинденци и положи свежо цвеќе на вечното почивалиште на првиот претседател на Крушевската Република, Никола Карев во споменикот „Македониум“ на Гумење, а пред споменичниот комплекс, во рамки на одбележувањето на 118 годишнината од Крушевската Република, беше одржан и музичко сценски настап со изведба на нумери од репертоарот на воениот оркестар на Армијата, како и изведба на воено-акробатска вежба Егзирцир од страна на припадниците на баталјонот за почести. Претседателот Пендаровски положи свежо цвеќе и пред споменикот на паднатите борци на Слива, симболот на самопожртвуваноста на македонските востаници во одбраната на Крушевската Република.