Премиерот Заев предводеше владина делегација на положување свежо цвеќе на споменикот на жртвите од катастрофалниот земјотрес во Скопје

Делегација на Владата на Република Северна Македонија, предводена од премиерот Зоран Заев, во придружба на првиот заменик-претседател во Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, денеска положи свежо цвеќе на Споменикот на жртвите од земјотресот кој го погоди Скопје во 1963 година.
Поминаа 58 години од катастрофалниот земјотрес на 26 јули кој однесе 1.070 човечки животи, дополнително беа повредени најмалку 3 илјади лица, а околу 200 илјади Скопјани останаа без своите домови.
Денот на сеќавањето на скопскиот земјотрес е и ден кога им изразуваме благодарност на сите кои со љубов и солидарност учествуваа во споделувањето на болката со преживеаните и што учествуваа во обновата на градот. Скопје стана град на солидарноста, место на кое се обединија пораките и молитвите за поддршка и за споделување на болката, за загубата.
Почит кон загинатите лица во земјотресот оддадоа и градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, делегации од Собранието и Канцеларијата на Претседателот на Република Северна Македонија, како и амбасадори и делегации од дипломатско-конзуларните претставништва во Северна Македонија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*