Средба на премиерот Заев со српската амбасадорка Јовановиќ

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, се сретна со Невена Јовановиќ, новоименувата амбасадорка на Република Србија во нашата држава.

На состанокот е заеднички констатирано дека постои одлична билатерална соработка помеѓу двете пријателски држави и дека е тоа добра основа за продлабочување на економските односи.

На средбата е заеднички оценето дека можностите од инфраструктурното поврзување помеѓу двете држави значат отворен простор за развој на економијата и на инвестицискиот амбиент, што носи економски придобивки за граѓаните на двете земји.

Во таа насока е потенцирано значењето на регионалното економско поврзување и на создавањето заеднички регионален пазар, којшто може да биде конкурентен на европските пазари и пошироко на меѓународен план.

На состанокот се изразени честитки до премиерот Заев и до Владата за организацијата на „Преспа форум дијалог“, на којшто, како што е оценето, Северна Македонија и лично премиерот Заев се признаени како кредибилни партнери во регионот и во меѓународни рамки.

Во однос на евроинтеграциските процеси во регионални рамки, потенцирано е значењето на продолжувањето на проширувањето на Европската Унија, како и на потребата од потврдување на довербата кон ЕУ, кон којашто целат сите земји од регионот, со проценка дека е опасен преседан, со пошироки последици на регионален план, дозволувањето навлегување билатерални прашања во преговарачките процеси.

Амбасадорката на Србија, притоа, пренесе јасна поддршка од Република Србија за европските перспективи на Република Северна Македонија и на почетокот на преговорите со ЕУ.

„Покажавме дека Западен Балкан може да биде извор на демократија и на стабилност и треба да продолжиме да се развиваме на економски план и почитувајќи ги европските вредности, со што ќе придонесеме во реализацијата на нашите евроинтеграциски цели“, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев, упати искрена благодарност до политичкото раководство на Србија и до граѓаните на Србија за покажаната солидарност и донираните вакцини за лекарите и медицинскиот персонал во нашата држава, во најспецифичните моменти за време на пандемијата, како и за тековниот процес на вакцинација што Србија го овозможи за граѓаните. Благодарност е изразена и од страна на српската амбасадорка Јовановиќ за поддршката од македонска страна во меѓусебната соработка, во првите месеци од пандемијата, како и за ослободувањето на српските граѓани кои патуваа летово низ нашата држава, од плаќањето патарини.

На состанокот е разговарано околу реализацијата на повеќе билатерални прашања, како што е отворањето на културно-информативните центри во двете држави, интересот за воспоставување реципроцитет за стекнување сопственост на приватен имот, унапредувањето на системот една гранична точка (Оne stop shop) којшто е почнат.   

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*