Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски денеска во Загреб со државни и воени почести беше пречекан од претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, со што започна неговата дводневна официјална посета на Република Хрватска.
По тет-а-тет средбата на претседателот Пендаровски со претседателот Милановиќ, делегациите на Република Северна Македонија и Република Хрватска одржаа пленарен состанок за време на кој беа потврдени искрените пријателски односи и плодниот политички дијалог меѓу двете држави. Притоа, беа разменети мислења за повеќе аспекти од билатералните односи, беше реафирмиран константниот интерес за нивно натамошно продлaбочување, а покрај останатото, соговорниците разгледаа и прашања од значење за европската иднина на Република Северна Македонија и регионот на Западен Балкан.
Хрватска е постојан поддржувач на нашите европски интеграции и за време на посетата на претседателот Пендаровски се очекува да биде реафирмирана поддршката за Северна Македонија да ги почне пристапните преговори со Европската Унија.
Претседателот Пендаровски денеска ќе оствари средби и со претседателот на Парламентот на Република Хрватска, Гордан Јандроковиќ и со претседателот на Владата на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ.
Во четврток – 01 јули 2021 година, претседателот Пендаровски ќе се обрати на билатерална деловна средба – со фокус на инвестиции, која се организира во соработка со Хрватската трговска комора, а на која ќе присуствува и македонска бизнис делегација.
Почитувани,
Од линковите во продолжение можете да преземете видео-материјали:
– Пречек со државни и воени почести од претседателот на Република Хрватска: https://youtu.be/h54_CWIsN8Y
– Тет-а-тет средба со претседателот Милановиќ: https://youtu.be/UJVuWXv0WIw
– Пленарен состанок: https://youtu.be/8XkqTrnODgM