„Ми претставува чест и задоволство што денес ги доделуваме договорите на 23 општини за реализација на проекти за граѓаните, со вкупна вредност од 609,9 милиони денари односно 9,9 милиони евра. Станува збор за инфраструктурни проекти кои ќе го подобрат квалитетот на живеење за граѓаните. Поточно, средствата се наменети за изградба на водоводни мрежи, фекална и атмосферска канализација, реконструкција на локални патишта, доизградба на детски градинки, реконструкција на основни и средни училишта, резервоари за вода, системи за водоснабдување и останати проекти. Предвидено е да се реализираат над 90 инфраструктурни проекти, во сите плански региони за што се издвоени 49,7 милиони евра. Ова е прва група, следната е на почеток на јули и третата фаза околу 20 јули“, рече премиерот Зоран Заев во денешното обраќање по повод церемонијата на доделување на договорите за првите 23 општини од ТАВ Програмата.
Премиерот Заев истакна дека Владата континуирано се залага за рамномерен регионален развој и јакнење на инфраструктурата на општинско ниво.
„Ја зајакнуваме децентрализацијата и овозможуваме максимално можен трансфер на надлежности од централно на локално ниво. За таа цел започнавме реформа за унапредување на фискалната децентрализација преку реализирање на 3 главни столба и тоа раст на приходите на општините, отплата на долговите, како и домаќинско, транспарентно и отчетно работење. Владата со буџетски средства и со поддршка на партнерите соработници како и со меѓународните финансиски институции спроведува проекти, конкретно насочени кон развој на општините. Главната цел е зајакнување на инфраструктурата и подобрување на условите за живот на локално ниво. Продолжуваме да поддржуваме трајни добра, бидејќи изградбата на локалната патна инфраструктура, водоснабдителна мрежа, канализациони мрежи, реконструкција, изградба на градинки и училишта и спортски објекти, здравствени установи, се за подобар животот на граѓаните, за нови вработувања и економски развој“, рече Заев.
Договорите на градоначалниците им ги доделија Фатмир Битиќи, заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции и Метин Батак, генерален директор на ТАВ Македонија. На настанот присуствуваа и првиот заменик на претседателот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, како и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Сани Шенер, главен извршен директор и претседател на групацијата ТАВ Аеродроми во своето обраќање истакна дека оперативните и финансиските успеси имаат значење само кога создаваат општествена вредност.
„Дваесет и трите договори кои ги потпишавме денеска со Владата, вредни 9,9 милиони евра, се првиот дел од вкупниот износ на инвестицијата од 49,7 милиони евра, кои наместо за изградба на карго-аеродром се пренаменуваат за проекти на локалната самоуправа и инвестиции во аеродромите. Ние во ТАВ веруваме дека оперативните успеси се значајни само кога создаваат општествена вредност, оттука важно е што овие средства, преку општините, ќе се користат за подобрување на локалната инфраструктура. Се надеваме дека заедно со Владата ќе продолжиме да создаваме успешни приказни и во оваа насока им благодарам на сите владини институции за добрата соработка”, изјави Шенер.
Во првата група се опфатени следните општини: Бутел, Прилеп, Ново Село, Шуто Оризари, Крива Паланка, Валандово, Струмица, Делчево, Ресен, Пробиштип, Карбинци, Липково, Тетово, Чаир, Сарај, Росоман, Босилово, Карпош, Старо Нагоричане, Неготино, Зелениково, Теарце и Боговиње.