„Во рамки на 10.неформален состанок на министри за внатрешни работи на Брдо процесот денеска имав билатерална средба со министерот за внатрешни работи на Република Хрватска Давор Божиновиќ на која што меѓу другото разговаравме и за потребата од склучување протоколи за спроведување на Договорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Хрватска за полициска соработка, кои ќе овозможат подобра оперативна соработка меѓу двете министерства, а која ќе се однесува на формирање заеднички истражни тимови, контролирани испораки и други форми кои се предмет на соработка – сè со цел успешно справување во борбата против сите видови транснационален криминал“, рече министерот Спасовски по средбата со министерот Божиновиќ.
На билатералната средба со министерот за внатрешни работи на Република Косово Џелал Свечла исто така се разговараше за интензивирање на соработката меѓу полициите на Република Северна Македонија и Република Косово.
„Разговаравме за потпишување на Протокол за поддршка и соработка во областа на заедничките обуки меѓу двете министерства и беше искажана подготвеност од двете страни за усогласување на текстовите на предложените договори и протоколи за соработка, нивно потпишување и брза имплементација“, рече Спасовски.
Министерот Спасовски го покани својот косовски колега Свечла на 25 јуни во Охрид да присуствува на усвојувањето на Патоказот за борба против корупција и нелегални финасии.
Министерот Спасовски денеска се сретна и со министерот за внатрешни работи на Република Словенија,Алеш Хојс на кого му упати благодарност за континуираната соработка и поддршка на сите нивоа во рамки на нашите две министерства, но и на ниво на држави, посебно во делот на поддршката од полициски служеници од МВР на Словенија кои изминатиов период во ротации заедно со нашите полициски службеници патролираат на јужната граница со цел спречување на илегалната миграција. Министрите се согласија дека е воспоставена одлична соработка,а за наредниот период договорија потпишување на два меморандуми за заеднички обуки и борба против трговија со луѓе.Државната секретарка Несторовска пак, имаше средба со Националниот координатор за трговија со луѓе на Словенија Тина Принцес Дамјановиќ на која беа разменети искуства и договорена поинтензивна соработка во борбата против трговијата со луѓе.