Министерката Шахпаска на состанок со претставници на Венецијанската Комисија

„Еднаквост во општеството, еднаков пристап до ресурси на мажите и жените, еднакви шанси за напредок, рамноправност за сите претставува заедничка обврска и приоритет на Владата на Република Северна Македонија и  како таква, таа е дел од Програмата на Владата 2020-2024 година“, истакна министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска  на денешниот состанок со претставници на Венецијанската Комисија, на кој беше разгледуваше новиот предлог Закон за родова еднаквост.

Целта на законот е да се обезбеди остварување на потполна родовата еднаквост и создавање услови за остварување на потенцијалите на сите луѓе, без разлика на полот, родот и родовиот идентитет.

Во своето обраќање до претставниците на Венецијанската комисија, министерката Шахпаска информираше дека со Предлог  Законот  за родова еднаквост се воведуваат новитети, односно  Законот предвидува три нови механизми.

„ Тоа е Секретаријатот за родова еднаквост, кој како највисоко тело ќе ја координира и следи работата на институциите и локалната самоуправа при имплементација на законот. Ресурсен центар, кој е предвиден како  тренинг центар за обуки на државните службеници во областа на родово одговорно креирање на политики и буџетирање. Третиот нов механизам е Национално координативно тело со кое што ќе претседава министерот за труд и социјална политика, со што се подигнува и нивото на влијание и значење“, појасни  министерката Шахпаска.

На состанокот се дискутираше и за повеќе прашања во однос на правилниците, кои ќе бидат подготвени откако законското решение ќе биде изгласано во Собранието, улогата и организациската структура на Секретаријатот за родова еднаквост,  инспекцискиот надзор и други прашања.

Министерството за труд и социјална политика побара мислење од Венецијанската Комисија, како советодавно тело  на Советот на Европа, составено од независни експерти од областа на уставното право, уште во додека законското решение е во нацрт верзија со цел да биде изготвено квалитетно и целосно применливо решение кое ќе овозможи унапредување на еднаквоста на сите полиња.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*