Претседателот на Владата на Северна Македонија Зоран Заев, оствари средба со делегација на Сојузот на турски невладини организации – МАТУСИТЕБ, предводена од претседателот на Сојузот Хустрев Емин, придружуван од Тахсин Ибрахим и проф. д-р. Сулејман Баки.
Состанокот беше посветен на пописот на населението, домаќинствата и становите, активностите поврзани со негова реализација, како и важноста на правичната застапеност.
Претставниците на МАТУСИТЕБ ја истакнаа важноста на пописот и податоците кои ќе се добијат, како основа за креирање на идните политики на нашата држава. Како мрежа на повеќе од 60 невладини организации, тие се залагаат за попис којшто ќе ја покаже реалната слика за населението кое живее во Северна Македонија.
Побараа, рамноправна застапеност во целиот процес на подготовка на пописот којашто следи во наредниот период и информираа дека тие како организации продолжуваат со работа на терен, информирање на граѓаните за важноста од спроведување на пописот, и попишување на сите граѓани онака како се чувствуваат без уцени и притисоци.
Премиерот Заев, уште еднаш ја потврди заложбата на Владата за правична застапеност на сите заедници кои живеат тука.
„Целта е да се попишат сите, секој еден е важен и треба да бидеме сигурни дека на крајот на пописот ќе ја имаме реалната слика“, рече премиерот Заев.
Тој се осврна и на богатството на нашата држава кое се состои од големиот број на етнички заедници, а турскиот народ е мостот кој ги поврзува двете држави, Северна Македонија и Турција