Премиерот Заев на состанок со Асоцијацијата на странски компании

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев и владиниот економски тим одржаа онлајн состанок со претседателот на Стопанската комора Бранко Азески и со Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство во рамките на Советот на странски инвестиции, чиј претседател е Виктор Мизо.

На состанокот се дискутираше за заклучоците по однос на приоритетните прашања презентирани од Асоцијацијата на состанокот одржан во декември 2020 година.

Приоритетите се во неколку клучни области во делот на царински стапки за увоз, инфраструктура, даночни политики, инвестициски трошоци, подобрување на законска регулатива како и останати прашања во насока на унапредување на секојдневното работење на компаниите.

Премиерот Заев истакна дека за Владата од голема важност е зголемувањето на довербата на инвеститорите, отпочнувањето на нови инвестиции, поттикнувањето на извозот, зајакнувањето на човечкиот капитал, а со тоа и подобрувањето на севкупниот економски раст во државата.

На состанокот дискутираа заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, министерот за финансии Фатмир Бесими, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Јован Деспотовски и на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот Дејан Павлески.

На состанокот беше истакнато дека од голема важност е во Собранието на Република Северна Македонија да има консензус по однос на прашањата кои се од национален интерес за економски развој на земјата.

Дополнително беше истакнато дека позитивен сигнал е растот на извозот. Согласно податоците на статистика, вкупниот извоз во јануари бележи раст од 15,5% споредено со истиот месец минатата година и изнесува 32,5 милијарди денари. Ова е шести месец по ред како што извозот расте и воедно бележи најголема покриеност на увозот со извозот со стапка од 84,7%.

Владата на Република Северна Македонија во континуитет ги поддржува извозните компании. И во петтиот пакет економски мерки до крајот на 2021 година се укинуваат царинските стапки за 71 продукт и суровина. За извозните компании дополнително се укинати и намалени царинските стапки за  31 суровина и за месо. Предвидено е и ревидирање на царинскиот тарифник и усогласување со правилата на ЕУ пазарот и пазарите на членките на Светска трговска организација. На располагање се и останати владини мерки за компаниите од сите дејности.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*