Заев за работниот состанок во Европската инвестициска банка во Луксембург: ЕИБ подготвува пакет за финансиска поддршка во пост-ковид периодот за ре-старт на економијата и за враќање на развојните трендови од пред кризата

Претседателот на Владата на Северна Македонија Зоран Заев, заедно со министерот за финансии Фатмир Бесими, денеска имаше работен состанок со претседателот и потпретседателката на Европската инвестициска банка во Луксембург (ЕИБ) Вернер Хојер и Људмила Павлова.

Веднаш после состанокот премиерот Заев имаше изјава за медиумите која што ви ја пренесуваме во целост:

„Работната посета на Луксембург ја започнавме со работен состанок со претседателот на Европската инвестициска банка, господинот Вернер Хојер и неговиот тим.

Многу е значајно што Европската инвестициска банка останува со силна поддршка на Северна Македонија и во претстојниот период во справувањето со последиците од пандемијата со КОВИД-19.

Банката минатата година нашето стопанство го помогна со 20 милиони евра, а за оваа година претседателот Хојер и заменик-претседателката Павлова најавија нов пакет значајни финансиски средства за поддршка на неколку сектори од нашата економија.

На работниот состанок разменивме мислења за можностите што се отворени за соработка  во рамките на Зелената агенда на Економскиот инвестициски план за Западен Балкан која ја усвоивме во Софија кога Северна Македонија, заедно со Бугарија, го ко-претседаваше Берлинскиот процес. Во таа насока се планирани средства за нашите проекти во енергетиката со акцент на обновливите извори на енергија, на енергетската ефикасност, како и на дигиталните проекти.

Европската комисија за прв пат презентираше план кој пред сè има развојна компонента и упатува на соработка со меѓународните финансиски институции. ЕИБ е наш традиционален партнер и ние очекуваме продолжување на соработката преку спроведување на двата клучни проекти во моментов во Северна Македонија.

Тоа се проектите за кои аплициравме на последниот повик за инвестициски грантови во рамките на Инвестициската рамка за Западен Балкан – Пречистителната станица во Скопје и третата фаза од железничкото поврзување по Коридорот 8, источното крило кон Бугарија.

Очекуваме ЕИБ како лидерска институција да соработува со нас и да ни помогне во процесот на спроведување, но и во пренесување на знаењето за спроведување на ваков тип проекти.  На претседателот Хојер му ја пренесов нашата заинтересираност за подобра соработка во спроведување на нашата инвестициска агенда презентирана преку Единствената листа на проекти, за што го поканивме ЕИБ да отвори свое претставништво во Северна Македонија.

Сè на сè, одличен почеток на оваа работна посета на Луксембург, со охрабрувањето што го добивме од врвот на банката за сите наши планови во пост-ковид периодот и за нашиот план за ре-старт на економијата и враќање на развојните  трендови кои Европската инвестициска банка ги препозна и ќе ги поддржи и во иднина“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*