„Целта на Заедничкиот регионален пазар е да се зајакне економската соработка помеѓу земјите во регионот, да се зголеми конкурентноста, но и привлечноста на регионот за пазарот на Европската Унија. Регионална конкурентност наместо регионална конкуренција! Ова е нашата иднина“, изјави вицепремиерот Битиќи на денешната заедничка прес-конференција со потпретседателот на Владата на Република Црна Гора, Дритан Абазовиќ, којашто се одржа веднаш по официјалната билатерална средба помеѓу делегациите на двете земји.
„Ова ќе ја зголеми отпорноста на регионот кон ризиците од било кој тип и ќе ja зајакне нашата способност да се справуваме со предизвиците и непредвидливите појави, како што е случајот со моменталната пандемија. Ќе донесе просперитет за нашите граѓани, напредок и иднина за регионот на Западен Балкан и ќе ги подготви нашите економии за влез во Европската Унија. Регионалната конкурентност е клучот кој ја отвора вратата за просперитет на Западен Балкан“, рече вицепремиерот Битиќи.
Вицепремиерот Абазовиќ, на покана на вицепремиерот Битиќи, e во официјална посета на Република Северна Македонија, а за време на срдбата разговараа за економската соработка помеѓу двете земји, како и за потенцијално нови соработки и можности.
„На денешната средба со потпретседателот Абазовиќ, зборувавме за нашите две економии, за соработката и за потенцијалот за продлабочување на истата. Она што го разменивме денеска е заложба да ја зајакнеме економската соработката помеѓу двете земји, што е во заеднички интерес, и иницијативите за искористување на потенцијалите за таа соработка кои се очигледни“, изјави Битиќи во своето обраќање на прес-конференцијата, дополнувајќи дека она што стана јасно во овој период е дека сме силни колку што е силен и системот. Сивата економија и штетите кои таа ги прави се најсилно видливи кога сме во криза како и фактот дека соработката, отворениот дијалог и конструктивното решавање на проблемите локално но и регионално се нашите алатки за справување.
„Овие две држави се повеќе од пријателски, ние се заблагодаруваме на раката подадена на Црна Гора и сакаме да кажеме дека сите граѓани на Република Северна Македонија секогаш и во секој момент можат да сметаат на раката која Црна Гора ја подава на вашата земја и дека на секој ваш успех се радуваме како да е наш. Регионот е изморен од караници, од национализми, ние фокусот треба да го свртиме кон економијата, кон прогресот, кон подобриот животен стандард. Вие сте одличен пример за тоа, и јас потврдувам дека на денешната средба имавме многу продуктивна и конструктивна комуникација, и дека вицепремиерот Битиќи отвори многу теми кои се значајни за двете држави“, истакна потпретседателот Абазовиќ во своето обраќање на прес-конференцијата, дополнувајќи дека земјите од Западен Балкан со заеднички настап можат полесно да добијат поголеми перспективи за развој и напредок.
Битиќи и Абазовиќ истакнаа и дека зајакнувањето на заедничкиот регионален пазар, ќе биде значаен чекор и за двете земји, бидејќи тоа ќе допринесе за зголемување на стандардот на граѓаните, зголемување на пазарот за компаниите, а со тоа и на можностите за развој и за нови инвестиции.