Министерот Шаќири за 100 дена Влада

Во своето обраќање по повод 100 дена Влада, министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири се осврна на тековните активности, преземените обврски, заложби и долгорочните цели на МИОА.

Министерот Шаќири посочи дека продолжува имплементацијата на мерките за зајакнување на активната транспарентност на работата на институциите. Дел од активностите се модернизација на веб-страниците на министерствата и Владата, како и подготовка на Стратегијата за отворени податоци.

„Јас лично во изминатите 100 дена остварив многу средби, учествував на презентации и јавни дебати, како и присуство со разни промотивни материјали со цел зголемување на степенот на транспарентност на институциите. Стратегијата ќе се финализира во првата година од мандатот. Исто така во изминатите 100 дена имав одлична и блиска соработка со Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците за ефикасно и квалитетно спроведување и унапредување на правичната и соодветна застапеност во сите институции од јавниот сектор “, рече министерот Шаќири.

Министерот потоа информираше дека започната е подготовката на Законот за дигитална агенција, која ќе се оформи во 2021, како централна институција за спроведување на процесот на дигитализација во општеството, но и целосна ИТ поддршка за државните институции.

„Дигиталната агенција е неопходност на нашиот јавен сектор и јас сум целосно посветен тој процес да го предводам и очекувам максимална поддршка од Владата во финансирањето на тој процес. Тука спаѓа и проектот за државен клауд систем, којшто исто така јас веќе не само што го иницирав, туку поднесовме и проектно фише во првите 100 дена пред донаторите од ЕУ како еден од приоритетните проекти, со којшто треба да гарантираме едно централно место, државен центар во којшто ќе се постават сите системи на јавниот сектор. Не помалку важно е и подобрувањето на мрежната инфраструктура, бидејќи како што знаете Република Северна Македонија мора да ги надгради оптичките мрежни капацитети со цел користење на најмодерните технологии и ИТ решенија“, рече министерот Шаќири, додавајќи дека овие проекти ќе се имплементираат со помош на фондови како што се Светска банка и Инвестициската рамка на Западен Балкан, како и ИПА инструментот на ЕУ .

МИОА во септември започна со друг ИПА проект, наменет за подобрување и проширување на владините и јавните електронски услуги, што ќе трае три години, при што 40 регистри и услуги ќе бидат готови до лето, а до крајот на проектот вкупно ќе има нови 135 електронски услуги за граѓаните и бизнисите. Дополнително, министерот посочи дека, во соработка со Министерството за образование и наука веќе се пуштени во употреба 6 нови електронски услуги, како што се услугите за нострификација на дипломите, како проект преку Британската амбасада. Се работи и на интегрирање нови услуги на Националниот портал на електронски услуги, како што се апликациите за студентски и ученички стипендии, упис во училиште, упис во градинка и апликација за грант за реновирање на училишта.

Во своето обраќање, министерот Шаќири се осврна и на потпишувањето на два меморандуми со кои ќе се продлабочи соработката во областите на 5Г, Интероперабилност и други области, во насока на дигитална интеграција, безбедна размена на податоци и поголемо меѓусебно поврзување со земјите од Западен Балкан, соработка во однос на сајбер безбедноста и потпишувањето Меморандумот со „Мастеркард“ за обезбедување на електронска идентификација и доверливи услуги.

Во однос на реформите во јавната администрација, министерот потенцираше дека, согласно Акцискиот план на Стратегијата за РЈА(2018-2022), во приоритетната област, Јавна служба и управување со човечки ресурси, е предвидено изменување и дополнување на Законот за административните службеници и Законот за вработените во јавниот сектор:

„За предлог-текстовите на законите за измена и дополнување на ЗAС и ЗВЈС во октомври 2020 година се оформи работна група задолжена за ревизија на истите. Врз основа на ревизијата се одлучи предлог законите да се повлечат, преработат и предложат во форма на нови закони. Имајќи ја во предвид меѓусебната поврзаност на Законот за административни службеници, Законот за вработени во јавниот сектор и Законот за висока раководна служба и потребата од нивното меѓусебно усогласување, во однос на опфатот на високите раководители и на раководителите кои сепак ќе бидат во опфатот на ЗАС, министерството го повлече законот на доработка и усогласување со новите ЗАС и ЗВЈС“, посочи министерот Шаќири.

Паралелно со воспоставувањето на системот на висока раководна служба, рече министерот, во тек е процес на структурна реорганизација/оптимизација на јавниот сектор, кој ќе значи рационализација и намалување на бројот на високи раководни места, но едновремено и воспоставување на линии на отчетност на високите раководители.

„Во рамките на проектот „Поддршка на Министерството за информатичко општество и администрација за функционална реформа“ со поддршка на УНДП, беше изготвен „Извештај за резултатите од мапирањето на институциите на јавниот сектор со препораки за започнување на процесот на реорганизација/оптимизација на органите на државна управа, агенциите и инспекциските служби од централната власт“. Во однос на инспекциските служби од централна власт, хоризонталната функционална анализа за истите беше изработена во рамки на проектот „Модернизација на инспекциски служби“ поддржан од УСАИД а спроведуван од Идеас ДеПо во соработка со МИОА. Анализата содржи препораки за реорганизација и подобрување на работата на инспекциските служби“, рече министерот Шаќири.

Во однос на слободата на медиумите, министерот Шаќири потенцираше дека тоа останува еден од главните приоритети на Министерството за информатичко општество и администрација, кое останува отворено за соработка.

„Во овие 100 дена, инициравме и процес за дијалог во пронаоѓање на решенија за обезбедување на помош за финансиска одржливост на медиумите, и поддршка за нивниот развој и независност во однос на информирањето на нашите граѓани на што поквалитетен начин. Испративме и барање за поддршка од Европската заедница за иницирање на процес на реформи во законите во областа на медиумите и нивно усогласување со легислативата на Европската Унија, бидејќи веруваме дека само подобри закони основани на европските вредности и практики може да обезбедат подобра клима за медиумскиот плурализам“, рече министерот Шаќири.

Во однос на подобрувањето на квалитетот на управувањето, испораката на квалитетни услуги за граѓаните преку транспарентно, инклузивно и одговорно работење, Министерството за информатичко општество и администрација во првите 100 дена го пушти во употреба Порталот за отворено владино партнерство. Со оваа електронска алатка, која преставува централна точка за консултација, мониторинг, вклучување, вмрежување и известување на сите засегнати и заинтересирани страни во процесот, ги унапредивме можностите за навремено информирање на граѓаните, невладините организации, деловните субјекти и државните институции и нивно вклучување во иницијативата за отворено владино партнерство.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*