Од 21 седница на Владата: Ќе се набават дополнителни количини брзи антигени тестови за КОВИД-19

Coronavirus Disease 2019 Rotator Graphic for af.mil. (U.S. Air Force Graphic by Rosario “Charo” Gutierrez)

Владата на Република Северна Македонија на денешната 21 седница го задолжи Министерството за здравство да спроведе постапка за јавна набавка на брзи антигени тестови за потребите на јавните здравствени установи со спроведување на постапка на преговарање без објавување оглас согласно членот 55 став (1) точка 6) од Законот за јавните набавки, според кој оваа постапка може да се спроведе „доколку поради крајна итност, предизвикана како резултат на настани кои договорниот орган не можел да ги предвиди, роковите за другите постапки не може да се применат“.

Со цел обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на Коронавирус КОВИД-19 Владата донесе заклучок да се достави барање до Министерството за одбрана да дозволи дополнително распоредување на медицински лица од редовите на ова министерство за потребите на јавните здравствени установи во државата.

Врз основа на препораката на Комисијата за заразни болести, на денешната седница на Владата се усвоени измените и дополнувањата на Протокол за превенција од инфекција и контрола за безбедно управување со телата на починати лица од КОВИД-19.

Владата на оваа седница донесе Одлука за прогласување на дел од Осоговските Планини за заштитено подрачје во категорија V – заштитен предел, заради разновидноста и богатството на биодиверзитетот, геодиверзитетот, хидролошките карактеристики, пејсажните, пределните и други вредности, природни убавини, како и заради зачувување на специфичната интеракција на луѓето и природата. Вкупната површина на Заштитен предел – Осоговски Планини изнесува 48807,16 хектари, a со него ќе управува Јавното претпријатие за стопанисување со државни шуми „Национални шуми“.

На оваа Седница, Владата донесе и Одлука за прифатливоста на предлогот за прогласување на локалитетот Студенчишко блато за заштитено подрачје во категоријата парк на природа и Одлука за прифатливоста на предлогот за прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје во категоријата заштитен предел, со што Министерството за животна средина и просторно планирање ќе може да ги започне постапките за прогласување согласно законските процедури.

Владата ја разгледа и прифати апликацијата за номинирање на Охридско Езеро за место во Светската Рамсар Листа.

Со тоа, Министерство за надворешни работи во соработка со Министерство за животна средина и просторно планирање ќе може да ја започне постапката и да ја достави апликацијата за номинирање на Охридско Eзеро за место во Светската Рамсар Листа до Секретаријатот на Рамсараска конвенција до крајот на оваа година.

Во врска со Информацијата за формирање на Центар/Оддел за поддршка на македонските компании при настап на НАТО пазарот Владата го задолжи Министерството за одбрана во постоечката организациска структура на министерството да го вгради Центарот/Одделот за поддршка на компании при настап на НАТО пазарот.

Дополнително за ова прашање Владата го задолжи Министерството за финансии да издаде финансиска согласност за вработување на административни службеници во Министерството за одбрана, за работни места поврзани со Центарот/Одделот за поддршка на компании при настап на НАТО пазарот, за кои веќе се обезбедени финансиски средства во буџетот на Министерството за одбрана и тоа за: 1 (еден) државен советник, 1 (еден) советник и 1 (еден) соработник.

Министерството за одбрана е задолжено да ја известува Владата на Република Северна Македонија за постигнатиот напредок за формирање на Центарот/Одделот за поддршка на македонските компании при настап на НАТО пазарот.

На оваа седница, Владата го утврди текстот на Предлог на законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Европската банка за обнова и развој по Договорот за заем за финансирање на проектот „Воведување на брз автобуски превоз во Град Скопје“.

Проектот „Воведување на брз автобуски превоз во Град Скопје“ опфаќа воспоставување на две линии за брз автобуски превоз со коридори кои се резервирани само за автобусите, со цел подобрување на квалитетот на превозните услуги на патниците во правец „исток – центар – запад“ и „југ – центар- север“, намалување на времетраењето на превозот на патниците, подобар пристап и користење на превозните услуги и за намалување на загадувањето на воздухот.

Владата денеска ја донесе и Одлуката за одобрување на средства од Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година, со која се издвојуваат 120.000.000 денари за Град Скопје, како неповратна финансиска помош за реконструкција на Универзална сала – Скопје.

На предлог на Министерството за труд и социјална политика на оваа седница е утврден Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за социјална заштита за да се олесни и поедностави пристапот до правото на гарантирана минимална помош за лицата/домаќинствата во време на вонредни околности (утврдено постоење на кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди).

Согласно динамиката на поднесени барања и траењето на пандемијата во наредниот период, со овие олеснувања се очекува да бидат опфатени околу 5000 нови домаќинства во 2021 година.

Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за регулирање на надомест на плата за привремена спреченост од работа на вработени лица заболени од КОВИД-19 ( Коронавирус), вработени лица кои се во изолација заради спречување на зараза но се асимтоматични и вработени лица кои имале контакти со заразени лица и се во самоизолација.

Во вториот заклучок по оваа точка се наведува дека висината на надоместокот на плата за привремена спреченост од работа на вработени лица во министерствата и органите на државната управа, организациите утврдени со закон, другите државни органи, правните и физичките лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања, како и на општините, градот Скопје и општините на градот Скопје, заболени од КОВИД-19 ( Коронавирус), вработени лица кои се во изолација заради спречување на зараза но се асимтоматични (односно немаат знаци на болест), а за кои е констатирано дека се заболени КОВИД-19, ќе се пресметува и исплатува согласно закон и колективен договор.

Согласно заклучоците, се препорачува висината на надоместокот на плата за привремена спреченост од работа на заболени вработени лица од КОВИД-19, вработени лица кои се во изолација заради спречување на зараза, но се асимтоматични (односно немаат знаци на болест), а за кои е констатирано дека се заболени КОВИД-19, а се вработени во приватниот сектор, да се пресметува и исплатува согласно закон и колективен договор.

Висината на надоместокот на плата за привремена спреченост од работа на вработени лица кои имале контакти со заразени лица, а кои се вработени во министерствата и органите на државната управа, организациите утврдени со закон, другите државни органи, правните и физичките лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања, како и на општините, градот Скопје и општините на градот Скопје и се во самоизолација, да се пресметува и исплатува согласно закон и колективен договор.

Со заклучок на Владата по оваа точка се препорачува висината на надоместокот на плата за привремена спреченост од работа на вработени лица кои имале контакти со заразени лица, а кои се вработени во приватниот сектор и се во самоизолација, да се пресметува и исплатува согласно закон и колективен договор.

На оваа седница е утврден и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита, со цел да продолжат да важат одлуките донесени со Уредби со законска сила, како и заради формирање на Национална Комисија за имунизација.

Националната комисија за имунизација ќе ја предлага Програмата за имунизација што ја донесува Владата на Република Северна Македонија, со план и активности за координација на работата на сите субјекти вклучени во дистрибуција на вакцини и спроведување на имунизацијата.

Националната комисија за имунизација ќе ја следи вкупната состојба со имунизацијатa, нејзиниот опфат, квалитетот на вакцините и несаканите реакции од вакцините, ќе врши запознавање на здравствените работници и јавноста за потребата и предностите на имунизацијата, и ќе ја следи регулативата во областа на имунизацијата и нејзината имплементација, како и препораките на Светската здравствена организација.

Владата денеска го утврди и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за здравственото осигурување со кој се продолжува примената, препишување и издавање на рецепти во електронска форма и по истекот на 31 декември 2020 година, и се уредуваат и други прашања од правата на граѓаните на здравствена заштита.

На предлог на Министерството за здравство денеска е утврден и текстот Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за заштита од јонизирачко зрачење и радијациона сигурност, со кој се уредува постапувањето со радиоактивен и нуклеарен материјал, безбедното управување со радиоактивен отпад и искористени затворени радиоактивни извори, и со кој се назначува Институтот за јавно здравје како оператор на склад за радиоактивен отпад.

На оваа своја седница владата донесе одлуки за именување директори, в.д. директори и членови на управни одбори на повеќе јавни претпријатија и акционерски друштва во сопственост на Владата на Северна Македонија, членови на комисии, како и други кадровски прашања.

Во прилог на ова соопштение во ја пренесуваме усвоената листа на кадровски измени на владината Комисија за именувања:

1. Бејназ Арифи да го отповика од должноста член на Надзорниот одбор на Акционерското друштво за приредување игри на среќа АД – Скопје, во државна сопственост, а за член на Надзорниот одбор на Акционерското друштво за приредување игри на среќа АД – Скопје, во државна сопственост, да го избере Скендер Мехмети.

2. Владата да ја прифати оставката од проф. д-р Јасмина Делчева Диздаревиќ и да ја разреши од должноста член на Националната комисија за учебници.

3. Владата да ја прифати оставката од Дејан Ампев и го разреши од должноста в.д. заменик координатор на Национален координативен центар за гранично управување на негово барање.

4. Владата ја прифати оставката од Муса Ибраими и го разреши од должноста заменик на директорот на Агенцијата за катастар на недвижности.

5. Арбен Ќерими, да го именува за в.д. заменик на директорот во Агенцијата за катастар на недвижности.

6. Владата ја прифати оставката од Зеќир Јакупоски да го разреши од должноста в.д. заменик на директорот во Центар за управување со кризи.

7. Екрем Зендели, да го именува за в.д. заменик на директорот во Центарот за управување со кризи.

8. За државен правобранител во Државното правобранителство на Република Северна Македонија за подрачјето на Кичево да го именува Назим Сулејмани.

9. За државен правобранител во Државното правобранителство на Република Северна Македонија за подрачјето на Град Скопје Авдил Јонузи за Скопје

10. Согласно член 23 став 1 алинеја 3 и став 2 од Законот за државното правобранителство („Службен весник на Република Македонија“ бр. 87/2007 и 104/2015) на Јованка Ѓорѓеска да и утврди престанок на функцијата државен правобранител во Државното правобранителство на Република Северна Македонија за подрaчјето на Тетово, поради исполнување на услови за стекнување на правото на старосна пензија, заклучно со 24.12.2020 година.

11. Владата донесе Предлог Одлука за распишување Оглас за именување државен правобранител во Државното правобранителство на Република Северна Македонија за подрачјето на Тетово.

12. Сеадет Јусуфи да го именува за член на Управниот одбор на Центарот за стручно образование и обука претставник од Центарот за стручно образование и обука.

13. Олимпија Христова Заевска, да ја разреши од должноста член на Управниот одбор на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, а за член да ја именува Ширет Елези.

14. Владата на Република Северна Македонијa заклучи да му препорача на Управниот одбор на Јавното претпријатие за стопанисување со пасишта – Скопје, да ja избере Виолета Илиевска за в.д. заменик на директорот.

15. Владата на Република Северна Македонијa заклучи да му препорача на Управниот одбор на Јавното претпријатие за управување и заштита на повеќенаменското подрачје „ЈАСЕН” – Скопје, да го именува за в.д. заменик на директорот Брахим Ајвази.

16. Владата на Република Северна Македонијa заклучи да му препорача на Управниот одбор на Јавно претпријатие за железничка инфраструктура Железници на Република Северна Македонија – Скопје да го именува за в.д. директор Хари Локвенец.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*