Заев: Прифаќањето на Кодексот е гаранција за граѓаните за заштитата на човековите слободи и права, при вршење на нашите функции и должности во рамките на Уставот и законите на Република Северна Македонија

Владата на денешната 7-ма седница го назначи заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, за следење и спроведување на новиот Кодекс за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата. Воедно, на владината седница, членовите на Владата на РСМ, потпишаа Изјава за прифаќање на одредбите од Кодексот. Новиот Кодекс, не ги опфаќа само членовите на Владата, министрите, туку и сите други функционери назначени од Владата. Вклучувајќи ги и директорите на самостојни органи, директори и членови на одбори на јавни претпријатија, раководни лица во акционерски друштва во државна сопственост итн. Основната намена на Кодексот е обезбедување на отчетно и транспарентно работење на функционерите на извршната власт, односно градење на систем на интегритет и добро владеење.

Во прилог следуваат интегралните обраќања на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски:

 

„Почитувани граѓани на Република Северна Македонија,

Почитувани членови на Владата,

Првиот дел од денешната седница ќе го посветиме на потпишувањето на Кодексот за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата.

Сакам да нагласам дека ова е свечен чин, со кој сите ние, како членови на Владата, а подоцна и сите заменици министри, директори и јавни функционери именувани од страна на Владата, се обврзуваме дека го прифаќаме Кодексот, заради обезбедување на почитување на уставноста, законитоста, професионалниот интегритет, ефикасноста, лојалноста, одговорноста, транспарентноста на Владата и на сите владини институции.

Потписот е нашата согласност дека ги прифаќаме сите највисоки етички принципи за заштитата на човековите слободи и права, при вршење на нашите функции и должности во рамките на Уставот, законите и меѓународните договори, ратификувани согласно Уставот на Република Северна Македонија.

Со доследно придржување до Кодексот за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата, ќе ја оствариме неговата цел за јакнење на интегритетот на Владата на Република Северна Македонија, министерствата и другите органи на државната управа, како и на другите институции основани од Владата за да ја јакнеме довербата на граѓаните во нивната работа.

Прифаќањето на Кодексот е гаранција за граѓаните дека секој од нас ќе го даде својот личен придонес за издигнување на важноста на однесувањето на носителите на јавни функции придржувајќи се по принципите на добро управување на највисоко политичко ниво.

Со донесувањето на новиот Кодекс за етичко однесување, и со прифаќањето на неговите одредби, ја исполнуваме и препораката на ГРЕКО за практично спроведување на Кодексот и Насоките преку посебен механизам, воведување на мерки за санкции и започнување на системско подигање на свеста за добро управување на лицата кои вршат највисоки извршни функции.

Однесувањето на секој член на Владата и на секој именуван и избран функционер, и нивното придржување до принципите на добро управување, демонстрирајќи интегритет, транспарентност, отчетност, правичност и непристрасност, е наш врвен приоритет во наредниот период.

Јакнењето на системот на етички исправно и добро управување кој влева доверба, ќе им служи на сите граѓани без исклучок и со кој градиме правично и еднакво општество за сите.

Довербата од граѓаните до сите нас, не е дадена еднаш засекогаш. Обврска на сите нас е преку нашето однесување постојано и секојдневно да се докажуваме дека го остваруваме јавниот интерес и општото добро, и дека тоа го правиме исполнувајќи ги стандардите кои ги очекуваат од нас.

Довербата на граѓаните ни е врвен приоритет, со овие мерки преземаме конкретни чекори да ги подобриме институциите и начинот на однесување на носителите на јавни функции.

Кодексот за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата, е обврска да го практикуваме она што го говориме, и јас искрено очекувам тоа најискрено и целосно да го прави токму овој состав на Владата.

Согласно одредбите од Кодексот за етичко однесување за членовите на Владата и носители на јавни функции именувани од страна на Владата, утврден од Владата на Република Северна Македонија го назначувам Љупчо Николовски, заменик на претседателот на Владата, задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, за одговорен за следење на спроведување на Кодексот“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*