
Во прилог на ова соопштение, ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев во целост:
Дозволете ми од мое лично име, и од име на Владата да ви упатам искрени честитки по повод празникот и да ви посакам добро и празнично расположение. Да ви посакам многу здравје, успех, благосостојба и просперитет.
Денеска, заедно со вас по 13-ти пат го празнуваме денот кој го симболизира враќањето на националното име „Бошњак“ и именувањето на вашиот мајчин јазик како босански јазик.
Пријателите се познаваат во неволја, а токму припадниците на вашата заедница, Бошњаците секогаш во добро, но и во зло, активно учествуваат во политичкиот живот на Северна Македонија и значајно придонесуваат во изградбата и развојот на институциите на нашата држава.
Бошњаците се составен и нераскинлив дел од богатството во нашата мултиетничка, мултикултурна и мултиконфесионална држава. Иако претставуваат мал по број, се исклучително многу вреден и драгоцен сегмент во концептот „Едно општество за сите“.
Владата на Република Северна Македонија и во иднина ќе продолжи да ги зајакнува институционалните можности за негување и унапредување на интересите и културните особености на бошњачката заедница.
Ми претставува особено задоволство фактот дека од 2018 година, во нашиот мандат, во образованието на учениците Бошњаци им е вратено правото на редовна настава на босански јазик.
Во овој мандат ќе ги формираме и националните совети на помалкубројните заедници, за да можете и вие Бошњаците да одлучувате што ви е вам важно и приоритет. Така ќе биде и за другите помалкубројни етнички заедници.
Владата останува посветена на афирмација на културата, посебностите и традициите на секоја заедница во нашата земја, а во таа смисла и грижата за натамошна интеграција на Бошњаците во македонското општеството.
Денес босанскиот јазик е дел од програмата на Националната телевизија, а токму овде во Оризари со децении се одржува значајната културно-спортска манифестација „Средби на Бошњаците“.
Во оваа прилика вредно е да се напомене дека во градењето на добри односи со сите земји во регионот, во 2017 и 2018 година нашата земја и Босна и Херцеговина потпишаа серија на билатерални договори, од кои издвојувам две важни работи:
– Наскоро граѓаните на двете земји ќе почнат да се движат само со лични карти
Годинава празникот го славиме во период кога сите ние се соочуваме со најголемата светска криза во новиот век предизвикана од КОВИД-19.
А токму врз начелата на почитување и солидарност ќе се справиме со непогодите и предизвиците, градејќи општество на еднакви можности – Едно општество за сите!
Во овој мандат Владата сериозно ќе се заложи за подобрување на квалитетот на образованието на јазиците на помалубројните заедници, па така и на квалитетот на образованието на мајчин јазик.
Со честитките за вашиот празник ја испраќам и пораката да продолжиме сите заедно да градиме просперитетна иднина и благосостојба.
Благодарам“.