Премиерот Заев по повод именувањето на заменици-министри во Собрание: Предложените кандидати, со најголема посветеност и одговорност, ќе работат за остварување на стратешките интереси на државата и граѓаните

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, на денешната седница во Собранието, го претстави предлогот за именување на 16 заменици-министри.

Во продолжение, обраќањето на премиерот Заев, во кое тој ја образложи предлог-листата за заменици-министри:

 

„Почитуван претседателе на Собранието на Република Северна Македонија, господине Џафери,

Почитувани пратеници,

Врз основа на членот 48, став 1,  од Законот за организација и работа на органите на државната управа, како Претседател на Владата, до Собранието на Република Северна Македонија, доставив предлог за именување на заменици министри во Владата.

Предлагам пратениците на Собранието на Република Северна Македонија за заменици министри да ги именуваат:

 

– Башким Хасани, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за одбрана,

 

– Назим Буши, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за внатрешни работи,

 

– Димитар Ковачевски, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за финансии

 

– Агим Нухиу, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за правда,

 

– Илхан Рахман, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците,

 

– Фатмире Исаки, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за надворешни работи

 

– Зоран Маневски, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за економија,

 

– Трајан Димковски, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство,

 

– Илир Хасани, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за здравство,

 

– Арафат Шабани, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за образование и наука,

 

– Енвер Хусејин, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за труд и социјална политика,

 

– Зоран Димитровски, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за локална самоуправа,

 

– Седат Сулејмани, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за култура,

 

– Александар Бајдевски, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за информатичко општество и администрација,

 

– Беким Реџепи, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за транспорт и врски  и

 

– Христина Оџаклиеска, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за животна средина и просторно планирање.

 

Со предлогот за избор доставен до Собранието на Република Северна Македонија на 18 септември, доставени се и биографиите на предложените кандидати за заменици министри.

 

Почитуван Претседател на Собранието на Република Северна Македонија,

Почитувани пратеници,

Ве уверувам дека предложените кандидати, совесно и со најголема посветеност и одговорност, ќе ги извршуваат своите работни обврски согласно законот и определбите на Владата на Република Северна Македонија за остварување на нејзината Програма, и за остварување на стратешките интереси на Република Северна Македонија, како и интересите на сите нејзини граѓани.

Со именувањето на замениците-министри во Владата, го комплетираме системот на ефикасни и силни институции со полн капацитет и легитимитет, кои ефикасно ќе работат во справувањето и надминување на последиците од пандемијата со КОВИД-19, како еден од првите наши приоритети.

Убеден сум дека со еднакво силен ангажман замениците министри ќе се посветат и на остварувањето на останатите приоритет како што се создавањето услови за нов циклус на динамичен економски раст, одржлив развој, ефикасна правна држава и силни институции.

Секако, максимално посветеност очекуваме и во модерно образование, стабилно општество, внатрешна кохезија и сите други сегменти на општественото живеење.

Од замениците-министри очекувам и активно учество во сите наши идни активности како членка на НАТО, и максимално вклучување во процесите за успешен почеток и завршница на преговорите по поглавја за членство во Европската Унија, како и во политиките за добри меѓуетнички и меѓусоседски односи.

Ова се теми и програмски задачи кои за нас, за сите министри, заменици министри, за Владата во полн состав се дополнителен мотив да работиме двојно повеќе. Не само за да излеземе од кризата што ја предизвика КОВИД-19 со што помали последици, туку и брзо да се вратиме на претходните стапки на раст. Бидејќи очигледно е дека – можеме.

Во претходните 3 години покажавме дека е можно да се обезбеди повисок економски раст. Да се  создаваат нови работни места, паралелно со континуиран раст на платите. Постигнавме историски најниска невработеност, а минималната плата се зголеми за дури 60 отсто, од 9.000 денари на 14.500 денари за нецели три години.

Во нашата земја во изминатите три години влегоа вкупно 1 милијарда и 177 милиони евра странски директни инвестиции.

Во првиот квартал на оваа година во државата влегоа за 2,8 пати повеќе странски инвестиции во однос на првото тримесечје од минатата година.

Затоа што ни се случи официјалниот прием во НАТО кој веќе беше најавен на европската и светската сцена и беше сигурен знак за инвеститорите дека Северна Македонија е дестинацијата за нивните инвестиции.

Се организираа и спроведоа политики во кризна состојба за да се спасат максимално можно работните места и да се одржува стабилна економија и во време на огромни последици предизвикани од светска пандемија од невидени размери

Новата Влада има план за иновативна, стабилна конкурентна македонска економија, подготвена да одговори на новите предизвици и да понуди шанса за секој.

Во таква економија, платите ќе продолжат да растат.  Кризата нема да не спречи да ја задржиме минималната плата на висина од 14.500 денари, а со нови пакети на мерки да ги помагаме ранливите категории граѓани и компаниите.

Очекуваме до крајот на оваа недела, да завршат сите консултации со сите активни чинители со давање на квалитетни предлози и ќе излеземе со четвртиот односно следниот пакет економски мерки за помош на македонската економија.

Како што истакнав и во моето експозе на седницата овде во Собранието кога беше избрана новата Влада, по завршувањето на кризата ќе продолжиме со нашите докажани заложби и цели: раст на минимална плата до крајот на мандатот во висина од 20 до 40% и раст на просечната плата до крајот на мандатот од 20 до 30%, во зависност од должината и влијанието на коронакризата врз светската и домашната економија.

Нашите таргети се јасни, 20.000 денари минимална плата и 34.000 денари просечна плата до крајот на четиригодишниот мандат.

Нашата определба е до крајот на мандатот да ја вратиме нашата економија на солиден и одржлив раст од 4 отсто.

Во мандатот што е пред нас градиме уште поодговорни и уште поотворени институции, силно посветени на интересите на граѓаните.

Пандемијата предизвикана од коронавирусот покажа дека дигиталните услуги и дигитализацијата на јавната администрација, не само што се неопходни, туку се и корисни и потребни, особено во услови на криза, кога и со преполовени капацитети се испорачуваат сите услуги.

Токму во таа насока ќе продолжиме и во следниот период со изострен фокус на промени во структурата, квалитетот и големината на администрацијата.

Најавивме и ќе испорачаме мандат на ред, правда и ефикасност. Мандат на прочистување на правосудството и неселективно владеење на правото.

Силен ефикасен правен систем и силната посветеност во борбата против корупцијата и криминалот се исклучително важни и за државата и за сите нејзини граѓани.

Ова е исклучително важно и во нашиот процес за интеграцијата во ЕУ и отпочнување на преговорите и отворање на првите поглавја кои најчесто се однесуваат токму на владеење на правото.

Остануваме сериозно насочени кон реализација на Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство со Бугарија. Тие договори обезбедија членство во НАТО и ја отворија вратата за преговори со Европската Унија.

До нивната целосна реализација остануваат обврските на кои посветено ќе работиме во духот на заедничко разбирање со нашите соседи Грција и Бугарија, и во духот на почитувањето на европските вредности.

 

Почитувани пратеници,

Во последните три години воведовме целосно нови стандарди во водењето на институциите. Покажавме дека може да се работи и чесно, и одговорно и професиoнално во име на интересите на државата.

Сега е време да доработиме и да сработиме. Да ја исполниме нашата обврска да го испорачаме ветеното. Заедно со вас пратениците, со граѓаните, да продолжиме да пишуваме успешни страници за иднината, на нашата демократија и заедно да го чекориме патот до подобра иднина за сите“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*