Министерката Шахпаска на Топ Тема: Родителите имаа време од две недели да се подготват и организираат, а со отворањето на градинките се изгуби смислата за продолжено породилно отсуство

„Одлуката на Владата за отворање на градинките да стартуваат со работа на 9 септември  беше донесена на 2 септември, што им остави простор од две недели на родителите да се подготват и организираат. Воедно со самото отворање на градинките се изгуби смислата за продолженото породилно отсуство“, истакна министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска на гостувањето во емисијата Топ Тема на Телма телевизија.

Таа посочи дека  Протоколот усвоен на 29 мај 2020 година прецизно ги утврдува, условите во градинката, однесувањето на вработените и  бројот на деца во групите во услови на КОВИД -19.

„Како Министерство  одговорно ја следиме состојбата од првиот ден, со конкретни анализи колку деца по Протоколот можат да престојуваат во градинка, согласно воспоставените приоритети односно влезен критериум, а тоа се деца на  самохрани родители и деца на  двајца родители кои се вработени и работата ја извршуваат со физичко присуство“, рече Шахпаска

Во однос на прашањето за слободни места во градинките министерката Шахпаска посочи на податоците од терен односно од градинките, а тие потврдуваат дека има слободни места, а инспекциската служба при посета на неколку градинки утврдила дека од бројот на деца кои навистина престојуваат во градинката е двојно помал од запишаните деца. Па така,  градинката Росица во Ѓорче Петров има  запишани 79 деца, а само 39 деца престојуваат во неа, во градинката Пролет во Карпош од 48 деца, градинка посетуваат  15 деца и Буба Мара во Аеродром каде запишани се 96 деца, а инспекторите утврдиле присуство од 15 деца.

Министерката апелираше до родителите да покажат општествена одговорност и солидарност ако немаат план да ги носат децата во градинка , да им отстапат место на оние на кои им е навистина потребно. Таа додаде дека испратен е и допис од Министерството до градинките , вработените во нив да ги исконтактираат родителите за тие да се изјаснат.

„Најголем  капитал во општеството  е човечкиот. Здравјето на граѓаните е најважно. Проценката во кој момент би се преземале поригорозни чекори се носи на основа на темелна анализа и проценка од страна на  епидемиолозите“, истакна министерката Шахпаска.

Таа сосема на крајот посочи дека Владата креира политики, врз основа на претходни анализи, дискусии и проценки како  да се премости овој период на пандемија од корона вирусот.

Затоа што државата, системот,  мора да функционира, со оглед на проценките на светско ниво дека состојбата и присуството на корона вирусот ќе потрае.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*