На денешната 140-та редовна седница, Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од потпишување на Меморандум за разбирање помеѓу Министерството за финансии на Република Северна Македонија, Државниот секретаријат за економски прашања на Швајцарија (SECO) и Меѓународната финансиска корпорација (IFC), и го з задолжи Министерот за финансии, д-р Драган Тевдовски, да го потпише Меморандумот за разбирање со Државниот секретаријат за економски прашања на Швајцарија (SECO) и Меѓународната финансиска корпорација (IFC).
Меморандумот, кој ќе биде потпишан за време на годишните средби на Холандската конституенца на Групацијата на Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд, односно на 21.06.2019 година, има за цел развој и спроведување на Проектот за лесна индустрија на Југоисточна Европа. Овој проект е значаен регионален проект чија цел е подобрување на конкурентноста на фирмите во процесите на креирање на додадената вредност во лесната индустрија (синџир на добавувачи) во земјите во Југоисточна Европа, како и поттикнување и зајакнување на нивното вклучување во синџир на добавувачи на Еврозоната и регионот.
Овој проект се очекува да придонесе за економски раст и да го поттикне отворањето на работни места во регионот на Југоисточна Европа преку обезбедување на поконкурентни, интегрирани и производи со поголема додадена вредност на домашните компании.
Владата на Република Северна Македонија го разгледа и прифати Договорот за соработка во врска со реализација на проектот ХЕЦ Чебрен помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Меѓународната финансиска корпорација, кој доаѓа како резултат на Рамковниот договор за соработка за развој на инфраструктурни и енергетски капацитети преку моделот на јавно приватно партнерство (ЈПП).
На оваа своја седница, Владата на РСМ го усвои Предлог – закон за јавните набавки во областа на одбраната и безбедноста заради усогласување на националното законодавство од областа на јавните набавки со европските директиви за јавни набавки.
Со овој предлог закон се постигнува зголемувањето на транспарентноста и ефикасноста на системот на јавните набавки во областа на одбраната и безбедноста, со што ќе се надмине и забелешката на Европската комисија во нејзините годишни извештаи за напредокот на земјата.
Владата на Република Северна Македонија денеска ја разгледа и усвои Информацијата за продажба на земјоделско земјиште во државна сопственост врз кое има изградено оранжерија и помошни објекти во функција на оранжеријата, односно објекти во стопанскиот двор врз основа на Јавниот повик од 22.11.2018 година.
Со реализацијата на овој јавен повик сопствениците на оранжерии се стекнаа со можност да го купат земјиштето на кое што се наоѓа оранжеријата, а кое што во моментов е во државна сопственост, и со стекнувањето на имотни листови, сопствениците на оранжерии ќе имаат можност за нови инвестиции во објектите, за подигнување на кредити за реновирање и модернизација на објектите, и ќе остварат право за аплицирање за мерките од европската ИПАРД програма. Можноста која што им се отвора за нови инвестиции крајно ќе влијае врз обемот и квалитетот на производството.
Владата денеска го донесе новиот текст на Уредбата за дополнување на Уредбата за доделување на техничката поддршка во земјоделството и руралниот развој, во која е додадена нова подмерка “Услуги за авионско засејување на облаците за превенција од природни непогоди и неповолни климатски настани врз земјоделски посеви “.
Со овој вид на заштита од природни климатски непогода како што е градот се постигнува најефикасен систем за превенција и неколку кратно поекономичен систем од старите ракетни системи.
Проценетата вредност за набавка на услугите е 90 милиони денари, што е неколкукратно поекономично од инвестициите во ракетен систем чија проценета вредност за инсталација и одржување е еднократна инвестиција од 1 милијарда и 200 милиони денари и дополнителни трошоци за одржување и набавка на материјали од 300 милиони денари на годишно ниво.
Денеска Владата на Република Северна Македонија го донесе новиот текст на Решението за формирање на Комисија за спроведувањена постапка за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за формирање на современа модерна организација – Платформа како ефикасен носител на хеликоптерскиот итен медицински систем на Република Македонија ( HEMS ) и хеликоптерски услуги за пребарување и спасување (SAR).
Дополнително, за реализација на постапката се задолжени Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Министерството за здравство, Министерството за економија, Министерството за транспорт и врски, Министерството за одбрана, Министерството за внатрешни работи до Генералниот секретаријат на Владата веднаш да достават номинација на членови и заменици членови на Комисијата, која потоа ќе треба да го достави Јавниот повик и Тендерската документација во рок од 30 дена до Владата на Република Северна Македонија на усвојување.
На денешната седница, Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за Извештајот на ГРЕКО за евалуација на Република Северна Македонија – Петти круг, на тема: “Спречување на корупција и промовирање на интегритет кај централната власт (највисоките извршни функции) и органите за спроведување на законот“, и даде согласност за објавување на Извештајот на ГРЕКО за евалуација на Република Северна Македонија – Петти круг.
На седницата владата го задолжи Министерството за правда да го информира ГРЕКО за согласноста на Владата на Република Северна Македонија за објавување на Извештајот на ГРЕКО за евалуација на Република Северна Македонија – Петти круг, и го задолжи министерството извештајот да го објави на својата веб страница во превод на македонски јазик, во рок од 7 дена.
Дополнително, Владата презеде обврска да назначи Советник за интегритет кој ќе има обврска да врши упатување и советување на членовите на Владата и лицата именувани од Владата за спроведување на препораките од овој извештај.
Владата го разгледа и усвои новиот текст на Информацијата за давање одобрение на Министерството за здравство за започнување на постапка за доделување на повеќегодишен договор за јавна набавка на медицинска опрема дигитални РТГ апарати за потребите на повеќе Јавни здравствени установи во Република Северна Македонија, за јавна набавка на медицинска опрема – апарати за хемодијализа, за потребите на ЈЗУ Универзитетска клиника за нефрологија, ЈЗУ ГОБ 8-ми Септември Скопје и ЈЗУ Завод за нефрологија Струга, како и за започнување на постапка за доделување на повеќегодишен договор за јавна набавка на медицинска опрема, за потребите на ЈЗУ Институт за трансфузиона медицина – Скопје.
На денешната, 140 редовна седница на Владата на РСМ го назначи амбасадорот, проф. д-р Ѓорѓи Филипов за координатор на Меѓународната група на експерти од Република Северна Македонија за трговски марки, и имињата и другите облици на интелектуалната сопственост, кои со колегите од Грција ќе работат за постигнување на взаемно прифатливи решенија за овие прашања, согласно обврските од Договорот меѓу Република Северна Македонија и Република Грција потпишан на 17 јуни 2018 година.