Министерот Никола Димитров оствари средба со Иво Вајгл, член и известител на Европскиот парламент за Република Северна Македонија

МНР Никола Димитров, денес, имаше средба со Иво Вајгл, член на Европскиот парламент и специјален известител на Парламентот одговорен за Република Северна Македонија, кој престојува во работна посета на Скопје.

На средбата се разговараше за севкупната соработка на Република Северна Македонија со Европскиот парламент во рамките на  евроинтегративниот процес, за клучните реформски активности во земјата, како и за штотуку одржаните европски избори. Европратеникот Иво Вајгл го повтори својот став за остварениот видлив напредок на Република Северна Македонија на внатрешен и надворешен план, како и констатацијата дека оваа година ЕУ треба да ги отвори преговорите со земјата.

Во таа насока, МНР Димитров нагласи дека во фокусот на активностите се остварување на преостанатите обврски од ЕУ агендата во пресрет на годинешниот Извештај на ЕК, како и очекувањата за донесување на одлука на Советот на ЕУ за почеток на пристапни преговори во јуни 2019 година.

Со оглед дека ЕП Вајгл не се кандидираше повторно за европратеник во Европскиот парламент, МНР Димитров му се заблагодари на досегашниот придонес и ангажман во остварување на напредок на земјата на патот кон ЕУ, како и за искрениот пријателски однос и личните заложби. Притоа, му посака успех во натамошната работа, со желба да остане близок пријател на Република Северна Македонија и понатаму да ги поддржува  евроинтегративните процеси на земјата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*