Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев заедно со министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ на покана на Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ присуствуваше на свеченото отворање на новото автопатско решение од 26 км кое поминува низ Грделичка клисура од Коридорот 10. Премиерот Заев имаше свое обраќање кое ви го пренесуваме во целост.
„На почетокот дозволете ми да ја изразам мојата голема благодарност за поканата да бидам дел од овој значаен настан на Република Србија, а со тоа и на нашата земја и на регионот.
Се радуваме на успешните потфати на сите наши соседи. Сега, кога гледаме колку изгледа величенствено ова модерно автопатско решение, кое во еден дел поминува и низ една од најтешките делници заради Грделичката клисура, честитките за успешниот зафат добиваат уште поголемо значење.
Така е кога се работи вредно и посветено. Резултатите се евидентни.
Сега, нашите граѓани, граѓаните на двете земји, како и европските граѓани, имаат автопатско решение од северната до јужната порта на Европската Унија.
Сега од Скопје до Белград ќе се патува за триипол до четири часа.
Со пропишаната брзина на автопатот.
Намалувањето на физичката, временската дистанца, меѓу главните градови на Северна Македонија и на Србија е соодветна на пријателството и блискоста меѓу нашите народи што ја носат во своите срца.
Почитувани,
Коридорот 10 сега навистина го личи. Вистинска eвропска вредност на поврзување и комуникација.
На територијата на Република Северна Македонија тој е комплетиран минатата година кога ја пуштивме во употреба делницата Демир Капија – Смоквица, во должина од 28 километри. Проектот го реализиравме заедно со нашите стратешки партнери – Европската Унија, под слоганот ПОДОБРО ПОВРЗАНИ.
Дополнителна додадена вредност на автопатот му даде уште еден заеднички проект на Република Србија и на Република Северна Македонија. Заедно со Претседателот Александар Вучиќ, на граничниот премин Табановце – Прешево го промовиравме проектот за заедничко гранично управување One Stop Shop. Кој верувам дека з многу брз период и официјално ќе биде пуштен во употреба.
Ги воведуваме Шенген механизмите на границата меѓу нашите две земји и ја носиме Европа овде на Балканот. Тој заеднички проект претставува само уште еден пример на големото пријателство помеѓу нашите земји и народи, кое секогаш било на највисоко ниво.
Ја сум уверен дека дека соработката во областа на инфраструктурното поврзување ќе продолжи и со темпото диктирано од Берлинскиот процес, како и преку заедничкото учество во иницијативите во процесот Кина + 17.
Денеска имаме прилика уште еднаш да го потврдиме тоа големо пријателство за коешто знам дека ќе расте во периодот што доаѓа.
Уште еднаш големи честитки за исклучително значајниот потфат и нека е за многу, многу години на услуга на српскиот народ, на македонскиот народ и на сите народи кои живеат во регионот и Европа.
Граѓаните на Северна Македонија ве сакаат почитувани граѓани од Република Србија. Нека расте нашето пријателство, да бидеме блиски и заедно да соработуваме!“