Почитувани, во текот на минатата недела, традиционално, се одржа свечената академија по повод 12ти мај – денот на медицинската сестра.
Започнувајќи од 5ти мај па се до 12ти мај секоја година сестрите ширум светот го прославуваат овој период славејќи ги имињата на Флоренс Најтингејл, Мајка Тереза… славејќи ја хуманоста.
Унијата на ЗМСТАС предводена од Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“ и оваа година додели признанија за особен придонес и развој на сестринството во Република Северна Македонија.
Настанот се одржа во Домот на АРМ, а официјалното отварање му припадна на државниот секретар на Министерството за здравство, Д-р Владимир Милошев, специјалист по максилофацијална хирургија.
Свое обраќање имаше и претседателот на Унијата на ЗМСТАС предводена од Здружението „ЗА НАС“ – сестра Горданка Бешлиовска, заблагодарувајќи се пред многубројното членство за сплотеноста и единственоста. Говореше за новото движење на сестринската фела од формирањето на Унијата и нивните цели: Закон за сестринството и транспарентно овластување на комора на сестринството.
„Среќни сме што изминативе години ги актуелизиравме проблемите на сестринството. Изминативе 10 години за жал никој не се обиде да го подобри нашиот статус без оглед на обидите за здружување на нашата фела. ЗМСТАС – ЗА НАС и Унијата на ЗМСТАС е првото здружување кое вистински се бори за правата на сестрите во Македонија. Благодарение на нашиот глас властите започнаа да ја согледуваат потребата од промена и вреднување на нашиот труд. Измените во законот за здравствена заштита, враќањето на сестрите концесионери во јавните установи, зголемувањата на коефициентите… се само дел од нашите активности кои резултираа со успех.“ – изјави претседателот на Унијата.
Во текот на настанот беа доделени плакети и благодарници на тековните соработници на здружението, меѓу кои и здруженијата на пациенти „Нефрон“ и „Раст“ истакнувајќи ја силната поврзаност на сестрата со пациентот.
Сосема на крајот беа доделени вкупно 38 пофалници за најхуманите и најуспешните медицински сестри од цела република.
Наградените сестри покрај пофалницата од здружението добија рачен часовник и ангел кој го симболизира и слоганот на здружението: „Ние не сме ангели, но сме сигурно втората најубава работа по ангелите“.
Специјална пофалница за најхумана медицинска сестра Унијата и додели и на Јелена Михајлова Росо која всушност е првата главна сестра на Клиничкиот центар во Скопје.
“Еднаш медицинска сестра, секогаш медицинска сестра” беше слоганот со кој беа поздравени и почесните гости – медицинските сестри кои веќе ги користат своите пензионерски денови. Традиционално Унијата не ги заборави и посвети моменти токму на нив, на професионалноста и хуманоста која сеуште ја споделуваат со новите генерации.