Од 125-та седница на Владата на РСМ: Премиерот Заев ќе претседава со следниот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација на ЕУ

Владата на Република Северна Македонија на денешната 125-та седница ја разгледа и усвои Информацијата за Петнаесеттиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу Република Северна Македонија и Европската Унија, со Нацрт-платформа за настап на македонската делегација.

 

Петнаесеттиот состанок на Советот за СА ќе се одржи на 19 март 2019 година во Брисел, а со оглед на ротирачкото претседателство со Советот за СА, со годинешниот состанок е предвидено да претседава претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, а копретседавач од страната на ЕУ ќе биде високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини. Во делегацијата на Северна Македонија учество ќе земе и заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, д-р Бујар Османи, а од страна на делегацијата на Европската Унија на овој состанок ќе учествува и Комесарот за добрососедска политика и проширување, Јоханес Хан.

 

На оваа своја седница министрите во Владата на РСМ го разгледаа и прифатија Годишниот извештај за имплементација на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2017-2022 на предлог на Министерството за правда, со цел да се прикаже степенот на реализација на мерките и активностите предвидени со Акцискиот план на Стратегијата за периодот јануари 2018 – декември 2018 година, во однос на унапредување на судскиот систем во земјата врз основа на начелата на независност, непристрасност, одговорност, ефикасност и квалитет.

 

Министерството за Правда, врз основа на предлогот на Агенцијата за млади и спорт, не денешната седница го поднесе на разгледување и Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за спортот со кој се предлага даночно ослободување по Законот за данок за националните спортски федерации, за спортските клубови, за активни спортисти од олимписки и неолимписки спортови, како и други правни субјекти кои имаат решение за вршење на дејност спорт. Даночното олеснување ќе се користи врз основа на издаден ваучер од страна на органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот, со што ќе се обезбедат значителни средства за поддршка на спортот и спортистите.

 

На денешната седница, Владата на РСМ ја разгледа Информацијата за влијанието на БРЕГЗИТ на македонската економија и донесе заклучоци со кои го задолжи Министерството за економија,  во соработка со Министерството за финансии и Царинската управа, до Владата на Република Северна Македонија да достават предлог на Одлука за воведување на автономни мерки, со условна примена од 30.3.2019 година.

 

Исто така, Владата ги задолжи Министерството за надворешни работи и Министерството за економија до Владата на Република Северна Македонија да достават информација за третманот на македонските стоки при извоз во Обединетото Кралство во случај на „тврд Брегзит“ и за изнаоѓање на решенија за увоз без царини на производи со македонско потекло.

 

На предлог на Министерството за финансии, Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои „Политиката за внатрешната финансиска контрола во јавниот сектор, со Акциски план за периодот од 2019-2021“ и го задолжи предлагачот, Министерството за финансии, во рок од еден месец  да формира Комитет за мониторинг на спроведувањето на Политиката за внатрешна финансиска контрола во јавниот сектор.

 

Документот „Политика за внатрешната финансиска контрола во јавниот сектор со Акциски план за перидот од 2019-2021“ е стратешки документ за понатамошен развој на системот за внатрешна контрола во јавниот сектор во Република Северна Македонија. Целта на овој документ е да ја дефинира рамката на современиот, соодветен и ефективен систем за јавна внатрешна финансиска контрола, вклучувајќи го и финансиското управување и контрола, внатрешната ревизија, централната координација и хармонизација и финансиска инспекција во јавниот сектор, како и да помогне за добро финансиско управување со јавните средства во Република Северна Македонија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*