Средба на премиерот Заев со поглаварите и претставници на верски заедници во Република Македонија

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со поглаварите и претставници на верските заедници наведени во Уставот на Република Македонија, поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија,  Митрополит Скопски, Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва, г.г. Стефан, поглаварот на Исламската Верска Заедница во Република Македонија, Рејз Ул Улема хаџи Сулејман ефенди Реџепи, поглаварот на Католичката црква во Република Македонија, Скопски бискуп и епарх струмичко – скопски, Киро Стојанов, проповедник Михаил Цеков од Евангелско – методистичката црква во Република Македонија и Берта Романо Николиќ, претседателка на Еврејската заедница во Република Македонија.

Поглаварите и претставници на верски заедници, упатија честитки до премиерот Заев за денешниот настан во Брисел, каде е потпишан Протоколот за пристапување на нашата земја во НАТО. Заеднички е изразена верба дека тоа носи траен мир за Република Македонија, партиципација за мир во светот, но ќе донесе и целосно помирување дома, помеѓу сите граѓани кои живеат во нашата земја.

На средбата е разговарано за актуелни прашања од значење за верските заедници. Изразена е заедничка согласност дека при функционирањето на државниот систем и на верските заедници треба да се почитува секуларниот карактер на државата, како што е предвидено со Уставот на Република Македонија. При тоа, разгледани се можности за подобрување на законските решенија во насока на унапредување на верските слободи и права.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*